Будењето на Македонците
Posted in општество, спорт on јануари 27th, 2012 by 1979-
Редно беше.
Македонецот го победи синдромот на себепотценување и неверување во своите можности, ја победи малодушноста која го следеше долго во спортот, и покажа дека има срце големо како планина.
Најважно од се е што македонските спортисти го разбудија народот.
Го будат онака како што не може да го разбуди никој друг.
#
Се почна лани во Септември на Европското кошаркарско првенство во Литванија.
И покрај повредите кои ги следеа на целото ЕП, и покрај неискусните резервни играчи, и покрај кошот од Русите во последната секунда (откако претходно судиите после еден прекин го вратија времето повеќе отколку што требаше), нашите кошаркари гинеа на секој натпревар, и бодрени од целата нација играа полуфинале и станаа 4-та кошаркарска сила на континентот.
#
Денес ракометарите го играа последниот меч на Европското ракометно првенство во Србија.
Ги победивме Словенците во борба за 5-тото место кое ни носи квалификации за Олимписките игри во Лондон. Зад нас останаа бивши светски и европски прваци како Шведска, Франција, Русија.
Лазаров со денешните 8 гола стана најдобар стрелец на ова ЕП (61 гол) и го сруши рекордот на Европските првенства. Ги надмина 57-те голови на Исланѓанецот Стефансон и Швеѓанецот Ловгрен од 2002-ра година на ЕП во Шведска.
Лазаров го држи и рекордот (92 гола) на едно Светско првенство (Хрватска во 2009-тата).
Прв играч во историјата на ракометот кој ги држи двата рекорди за најдобар стрелец и на Европското и на Светското првенство.
Покрај тоа две сезони беше и најдобар стрелец во Лигата на шампионите.
-
Или како што напишаа новинарите на шпанскиот спортски весник “Марка“ (изворно овде):
“…Балканскиот тим, еден од четирите тима од поранешна Југославија, е прифатен од илјадници ентузијасти сонародници, кои со национални знамиња и облечени како фалангата на Александар Македонски ги гледаат секаде каде што играат. Секој меч изгледа како битка против персиската војска, а Лазаров е лидерот на македонската коњаница…“
Но Лазаров не би направил ништо без Миркуловски, Ристовски, Стоилов, Мојсоски, Алушевски, Темелков, Димовски…
Не успеа да ги надигра ниеден фаворит (доживеаја само 2 тесни порази со 1 гол разлика), иако важеа за аутсајдери и им се даваа најмали шанси од сите 16-те учесници на ЕП (со коефициент 500 за освојување на ЕП).
А само 2 секунди во мечот со Данска ги делеа од полуфинале.
#
Она што е најважно е што конечно Македонците сфатија дека кога се игра со срце и со дух не постојат непобедливи противници.



















